Тимот на Калифорнија Иглс, обезбеди место на Светското клупско првенство во Египет, што е најголем клупски успех од формирањето во 2022 година.
Четири тима од Северна Америка и Кариби се бореа за место на Светското клупско првенство – три од САД и еден од Мексико.
Во прелиминарната рунда секој играше против секого, а Калифорнија Иглс ја освои групата со триумфот над Њујорк со 36-27, а двата тима претрпеа по еден пораз.
Двата тима се сретнаа и во финалниот натпревар, на кој Калифорнија славеше со 24-21, по минималното водство на полувреме, 12-11. Најдобар стрелец беше Феликс Керст со 11 гола.
Сега познати се осум тима што ќе бидат дел од Светското клупско првенство – Барселона, Келце, Веспрем, Ал Ахли, Ал Калеј, Замалек, Таубате, Калифорнија, а последниот ќе биде познат кога ќе заврши шампионатот на Австралија и Океанија, кој се игра во Канбера до 21 јули.