Кичево со цел плен од Скопје, Салиу и Давидоски се погрижија за триумф на Јехона

Тимот на Јехона направи крупен чекор кон место во прволигашкиот плеј-оф, откако славеше дома против Астраион со 37-30.

Најзаслужни за победата беа Бојан Давидоски со 13 гола и Адис Салиу со осум погодоци, а на теренот тимот од Гостивар имаше постојано водство и немаше многу дилеми околу победникот.

Кај струмичани Васе Наков и Александар Цонев дадоа по осум гола, но тоа не беше доволно за нешто повеќе. Јехона е петта со девет бода и се наоѓа на последното место што води во плеј-офот.

Кичево исто така ја продолжува трката за плеј-оф, откако го победи Аеродром на гости со 27-25. Иако во финишот беше 25-25, гостинскиот тим преку Лозаноски и Атанасовски реализираше за важна победа.

Сега Кичево има пет бода на шестото место, но ќе ја продолжи трката за плеј-оф. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Јован Атанасовски со 13 и Стефан Лозаноски со шест гола, додека кај Аеродром се истакна Александар Ристовски со осум гола.