Селекторот на Црна Гора, Владо Шола, го објави поширокиот список на ракометари пред настапот на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Германија.
Меѓу повикани ракометари се наоѓа и средниот бек на Прилеп, Владан Кастратовиќ, кој за првпат доби повик во сениорскиот дрес на неговата татковина.
Селекторот Шола го смести членот на Прилеп меѓу 35 ракометари, кои ќе конкурираат за настап на Европското првенство во јануари.
Освен Кастратовиќ, за првпат на сениорскиот список се најдоа и голманот на Ловќен, Филип Борозан, екс ракометарот на Охрид, Филип Кривокапиќ, левиот бек Милорад Бакиќ, како и левото крило на Будуќност Подгорица, Дарко Ѓурковиќ.
На списокот се наоѓаат голем дел ракометари кои во својата кариера настапувале во македонската елита – Никола Матовиќ, Мирко Радовиќ, Вук Лазовиќ, Лука Вујовиќ, Василије Калуѓеровиќ….
Шола во репрезентативниот табор го врати екс членот на Вардар и Металург, Вуко Борозан. Левиот бек во оваа сезона го носи дресот на црногорскиот шампион Ловќен.
Црна Гора на Европското првенство во јануари ќе игра во група со Исланд, Унгарија и Србија.