Карачиќ: Сум победувал во Битола со Вардар, се надевам и со Келце ќе биде исто

По двомечот од четвртфиналето на Купот на победниците на Куповите во 1995/96 против Еурофарм Пелистер, тимот на Келце по 27 години ќе гостува во Битола.

Средниот бек Игор Карачиќ, кој своевремено со Вардар многу пати ја има почувствувано атмосферата во Битола, знае што го чека неговиот тим.

„Тренирав добро последните неколку дена и ќе играм во Битола. Очекувам пеколно навивање и многу тежок меч, но јас сум играл овде неколку пати со Вардар и сум победувал. Се надевам дека ќе биде исто и сега. Мора да се концентрираме максимално и да не размислуваме за атмосферата. Ги гледав претходните натпревари овде и можам да кажам дека нашите ривал се борат, играат цврста одбрана. Ние мора да играме добра одбрана и да постигнуваме лесни голови во контранапади. Ќе биде тешко без Сичко, но верувам дека ќе успееме, бидејќи имаме многу добри ракометари во ростерот. Мора да се бориме како лавови“, вели Карачиќ.

Мечот меѓу Еурофарм Пелистер и Келце се игра во „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.