Какви шанси има Еурофарм Пелистер: Кои екипи се сигурни во ЛШ, кои се во трка по вајлд-карта

Штотуку заврши сезоната во Лигата на шампионите, а веќе од денеска ќе се прават планови за наредната 2025/26, во која форматот останува непроменет и ќе има две групи по осум екипи.

Веќе се познати десет сигурни учесници во елитната конкуренција – европскиот првак Магдебург, Барселона, Фуксе Берлин, Висла Плоцк, Алборг, Веспрем, ПСЖ, Динамо Букурешт, Загреб и Спортинг Лисабон.

ЕХФ ќе има на располагање шест вајлд-карти, а пријавувањето на екипите трае до 17 јуни. Јасно е дека три од нив ќе одат во рацете на вицешампионите на Франција, Полска и Унгарија, а тоа се Нант, Келце и ПИК Сегед, кои и оваа сезона играа во Лигата на шампионите.

Во трката за вајлд-карта македонскиот шампион Еурофарм Пелистер има сериозни шанси одново да биде дел од елитата. Исполнетата сала на секој домашен натпревар, добрите резултати во минатата сезона, одличниот состав кој ќе го имаат…се дел од адутите на битолчани, кои би требало да бидат доволни за ЕХФ втора сезона по ред да им додели вајлд-карта.

Тука е норвешкиот Колстад, кој имаше големи финансиски проблеми, па веројатно ЕХФ ќе бара дополнителни гаранции кога се работи за овој тим. Потоа шанса за апликација добиваат вицепрваците на Шпанија и Португалија, Гранољерс и Порто, швајцарскиот шампион Кадетен Шафхаузен.

Шведскиот првак Иштад најави дека нема да аплицира за учество, додека словенечкиот шампион Слован Љубљана дури и да се пријави, тешко дека ќе добие прилика. Данскиот Скјерн заврши втор во првенството, но по плеј-офот, откако во регуларниот дел беше осми, па шанса за вајлд-карта ќе бара ГОГ Гудме, кој беше тогаш втор.

Сумирано, трите екипи со најголеми шанси за вајлд-карта се Еурофарм Пелистер, Колстад и ГОГ Гудме, а тоа веројатно ќе биде познати до крајот на неделава.