Женската репрезентација на Македонија денеска го игра реванш натпреварот против Полска од бараж двомечот за пласман на СП 2025.
Пред полна сала во Битола, избраничките на Кристијан Грчевски ќе се обидат да ја надоместат негативата од првиот меч, 22-18, и да направат чекор напред во женскиот репрезентативен ракомет.
Средниот бек Моника Јанеска Килдан вели дека финишот на првиот меч им покажа дека можат да се носат со големите, само треба верба повеќе во себе.
„Иако загубивме на првиот меч, атмосферата во екипата е пријатна. Со играта и камбекот од големата негатива си докажавме дека можеме да се носиме со големи репрезентации и мора да веруваме повеќе во себе. Со дисциплинирана игра во напад и агресивна одбрана веруваме дека можеме да го смениме резултатот во наша полза. Сведоци сме на многу екипи кои што потпаднале на атмосферата во Битола, па зошто да не и една репрезентација како што е Полска. Се надеваме и веруваме дека полната сала и публиката во градот кој го слави ракометот како никој друг ќе ни помогне и ќе ни биде мотив плус да направиме нешто што во поновата историја на македонскиот женски ракомет сеуште не е видено“, изјави Јанеска Килдан.
Натпреварот меѓу Македонија и Полска е закажан за вечерва во „Боро Чурлевски“ со почеток во 19:00 часот.