Избрани „домаќините“ на групите на машкото ЕП 2026

Европската ракометна федерација во координација со организаторите на претстојното Европско првенство во 2026 – Норвешка, Данска и Шведска, распоредија три репрезентации како домаќини на прелиминарните групи.

Данска за себе ја одбра групата Б, што ќе се игра во Хернинг, додека ја смести Германија во групата А што исто така ќе се игра во овој дански град. Норвежаните за себе ја избраа групата Ц во Осло, а ја сместија и селекцијата на Фарски Острови во групата Д, што ќе се игра во главниот град. Швеѓаните за себе ја одбраа групата Е во Малме, а во Кристијанштад за „домаќин“ го избраа Исланд во групата Ф.

Овие три селекции што се распоредени по групи како „домаќини“ секако треба прво да ја одработат задачата и да го потврдат пласманот на ЕП 2026, исто како и Македонија.

Нема голем сомнеж дека Македонија, во конкуренција на Словенија, Литванија и Естонија ќе се пласира на континенталниот собир, а од аспект на македонски навивачи, најдобра варијанта е Шведска и Малме.

Не само поради големиот број македонско население што живее таму, туку и поради директните авио конекции со овој град, како и со поефтините опции за сместување отколку во Данска и Норвешка.

Натпреварите од квалификациите ќе се играат во три ЕХФ недели. Започнуваат веќе во октомври оваа година (4-10/10), потоа во март 2025 година (10-16/3) и во мај 2025 (5-11/5), по што ќе бидат познати сите учесници на ЕП 2026. Mакедонија стартува дома против Естонија 6 октомври, а на 10 октомври ќе гостува кај Литванија.

Европското првенство во 2026 ќе се игра во четири града – Осло, Хернинг, Малме и Кристијанштад. Хернинг ќе биде домаќинот на две групи (А и Б), потоа на групата 1 од главната рунда и на завршниот викенд. Осло ќе биде домаќин само на две групи (Ц и Д) од прелиминарната рунда. Во Кристијанштад ќе се игра групата Ф, во Малме на програмaта ќе биде групата Е, како и групата 2 од главната рунда.