Иван Maрковски со нов тренерски предизвик – се сели во Кувајт

Македонскиот стратег Иван Марковски до крајот на сезоната ќе работи во Кувајт во тимот на Ал Кадсија. Ова е нов предизвик за битолчанецот кој се враќа на меѓународна сцена, откако првиот дел од сезоната го мина на клупата на новиот суперлигаш Мулти Есенс во Автокоманда.

Тој ќе работи заедно со Хрватот Славко Голужа, кој подолго време беше без ангажман, а двајцата доаѓаат на клупата на Ал Кадсија на местото на Зоран Кастратовиќ и Кристијан Грчевски.

Марковски лани работеше во Катар, во тимот на Катар Спорт Клуб, а претходно беше во Кина, каде што ја заврши својата едногодишна мисија во тимот на Шандонг каде беше тренер на женска екипа.

Тој ја започна тренерска кариера во некогашниот ХЈС Работник (сегашен Еурофарм Пелистер) во Битола, а потоа работеше во Франција, во тимот на Ле Самбр Авенуа. По камбекот во Македонија го презема составот на Металург и успеа да го извлече максимумот во Автокоманда, но си замина кон крајот на 2021 година.

Во играчката кариера Марковски ги носеше дресовите на Вардар, Пелистер и Металург, а во странство играше за Загреб, Oсијек, Метковиќ, Трст, КАИ Арагон…

Своето деби за новиот клуб, Марковски би требало да го има веќе утре на мечот со Ал Араби. Во тимот на Кадсија настапуваат некогашните бекови на Металург, Василије Калуѓеровиќ и Владан Липовина, а Марковски соработуваше со Калуѓеровиќ во Автокоманда.