Своевремено еден од најголемите таленти на женскиот руски ракомет, Алена Ихнева, сега е членка на тимот на Черноморочка од Новоросиск.
Ихнева низ кариерата покрај за матичната Лада, две сезони мина и во Вардар, а потоа патот ја водеше низ Франција (Флери Луар), Хрватска (Подравка), Русија (Астраханочка), Унгарија (Кишварда) и Турција (Кастамону, Коњалти), пред да се врати во татковината.
Во интервју за „Брз Центар“, Ихнева откри дека најубавите спомени ги носи од Вардар и покрај тоа што настапуваше во многу земји.
„Секаде има различен менталитет. Во секоја земја и во секој клуб, свои плусови и минуси. Во сите екипи имам блиски луѓе, со кои до ден-денешен одржувам контакти. Најубавите спомени ги носам од мојот прв клуб во странство – македонскиот Вардар. Имав само 19 години, заминав од Русија во еден од најдобрите европски клубови. За мене се беше ново и несекојдневно. Но не се плашев. Ми се чини дека тоа е најважното решение во мојот живот за кое не размислував премногу. Во принцип тешко ми е да менувам градови, држави, клубови…но тоа беше сплет на околности, а не желба за промена. Кога доаѓав во Вардар, не беше проблем да ме наговорат мене, туку мајка ми. Таа од старт не сакаше да ме пушти. Но јас сакав да бидам самостојна, да се пробам во друга средина и друго ниво. Искрено, не знаев каде одам. Да ме прашаше некој на карта каде е Македонија, не би знаела да кажам! Но Вардар го познавав добро, го следев целиот тој проект. Многу од играчите таму беа вистински легенди“, вели Ихнева.
Таа со тимот на Черноморочка освои бронза на Ф4 во Купот на Русија, а ќе игра и во плеј-офот за титулата.