Женската младинска репрезентација на Македонија во последниот натпревар од главната фаза на Светското првенство во Скопје доживеа пораз од Црна Гора со 26:23 и заврши на последното место во својата група, додека Црна Гора го освои третото место.
Од групата 4, во која беше и Македонија, пласман во четвртфиналето обезбеди Португалија како првопласирана и Исланд како второпласиран. По денешниот пораз, младинките ќе се борат за пласман од 13 до 16 место на младинскиот Мундијал.
Младинките на Македонија одлично го отворија натпреварот, имаа фуриозен налет, поведоа со 5:0 и по десет минути водеа со 8:3. Иако делуваше дека избраничките на Јанев ќе осигураат победа во воведните 15 минути, сепак, Црна Гора чекор по чекор ја намалуваше негативата и се доближи на 9:8. Од овие осум гола на ривалот, шест беа реализирани од Јелена Вукчевиќ.
Откако Црна Гора се закани, следуваше серија од 3:0 на Македонија за 12:9. Најзаслужна за предноста на нашата репрезентација повторно беше голманката Матеа Чурлиновска. По 30 минути игра, резултатот беше 12:10 во корист за македонската репрезентација.
Ривалот на Македонија израмни на 12:12 на стартот на вториот дел и од тој момент натпреварот започна од нула. По нерешени 13:13, репрезентацијата на Црна Гора со голот на Вукчевиќ за првпат поведе со 14:13 во 36 минута, а минута подоцна дојде и до плус два, 15:13. Македонија кризата ја прекина во 40 минута, но ракометарките на Црна Гора со цврстата одбрана и со неколку мини серии успеа да дојде до 19:15 во 42 минута.
Нашата репрезентација во последните десет минути фати залет за камбек, намали на 20:19, во уште два наврати беше минус еден, потоа Црна Гора во 55 минута зголеми на 24:20 и тука веќе беше јасен исходот од дуелот.
Најефикасна во победничката репрезентација беше Јелена Вукчевиќ со 13 погодоци. Во Македонија листата на стрелци беше предводена од Ива Младеновска , која зад своето име запиша осум реализации.