СП 2023 – ГРУПА А: Шведска фаворит број еден, Хрватска чека шанса од позадина

Од 29 ноември до 17 декември, Данска, Шведска и Норвешка ќе бидат домаќини на најдобрите 32 женски репрезентации од целиот свет. Гледачите во Хернинг, Фредерикшавн, Трондхајм, Ставангер, Гетеборг и Хелсинборг, ќе имаат можност да ги видат мајсториите на најдобрите ракометарки. 24Ракомет Ви ги претставува учесниците на претстојниот Мундијал...

На претстојното Светско првенство во Данска, Шведска и Норвешка ќе играат 32 репрезентации, поделени во осум групи од по четири, а првите три тима од секоја група поминуваат во главната рунда, додека оние што ќе завршат на последното место ќе играат во Президент Купот.

ГРУПА А

🇸🇪 ШВЕДСКА 🇸🇪

За Шведска ова е првпат да играат на домашен терен, а во прелиминарната и главната рунда ќе бидат домаќини во „Скандинавиум Арена“ во Гетеборг.

Скандинавската земја ќе биде фаворит во групата А, каде ќе се соочи со Хрватска, Кина и Сенегал, а фанатичните шведски навивачи се надеваат дека ќе бидат тоа што недостига за нивната селекција да запечати три победи од три натпревари.

Селекторот Томас Акснер е на местото селектор на женската репрезентација на Шведска од 2020 година и имаше доволно време за да ги реализира своите идеи. Со јасна насока и силна и искусна селекција, Шведска се стреми со голема надеж да го подобри својот најдобар резултат досега на СП, 4-то место во Германија 2017 година.

Шведска беше седма на СП Јапонија 2019 и петта на СП Шпанија 2021 година, како и петта на ЕП 2022 година, што значи дека тие се една од најконстантните тимови во светскиот ракомет во моментов, со пет последователни ТОП 10 пласмани на СП.

Сепак, нивниот меѓусебен скор против Хрватска е поделен, со седум победи во 14-те меѓусебни натпревари одиграни меѓу двете селекции. Последниот дуел беше на ЕП 2022 година, кога Шведска победи со 31:27 во главната рунда, па Шведска сега има четири победи во низа против своите европски колеги.

Шведска ќе смета на најдобриот стрелец на претходното издание на Светското првенство за жени, Натали Хагман, која постигна 71 гол во Шпанија 2021 година.

Дополнително, статусот на Шведска како фаворит е потврден и со нивниот меѓусебен скор против другата селекција во групата, Кина, со која играа на две од последните четири изданија на Мундијалите. Двете средби беа дел од прелиминарната рунда – Шведска победи со 47:28 во Данска 2015 година и со 32:19 во Јапонија 2019 година.

Клучни ракометарки: Јамина Робертс (лев бек), Лин Блом (пивот), Натали Хагман (десно крило)

🇭🇷 ХРВАТСКА 🇭🇷

Хрватска се врати на Светското првенство во 2021 година по пауза од 10 години и заврши на 18. место, со само две победи во шест меча, што претставува слаб пласман откако претходно го обезбеди бронзениот медал на ЕП 2020 година.

Тие се сретнаа со Кина само еднаш, на СП во Русија 2005 година, во прелиминарната рунда, кога победија со 35:29 против азиската селекција. Сепак, Хрватска ќе биде погодена од неколку клучни отсуства – Ана Дебелиќ е надвор од теренот поради бременост, додека другиот пивот, Катарина Јежиќ, е повредена и може да го пропушти СП. Хрватките одат на Мундијалот со нов селектор, откако на местото на Ненад Шоштариќ дојде Ивица Обрван.

Клучни ракометарки: Теа Пијевиќ (голман), Катарина Јежиќ (пивот), Дејана Милосављевиќ (среден бек), Ќамила Мичијевиќ (лев бек)

🇨🇳 КИНА 🇨🇳

Кина по 18. пат по ред ќе игра на Светско првенство, со осмото место во 1990 година како нивен најдобар резултат досега. Во последното издание, Кина се повлече за време на Президент Купот поради коронавирус во нивниот тим и заврши на 32. место.

Клучни ракометарки: Ксиуксиу Тиан (лев бек), Жанг Хаиксиа (десно крило), Чан Лиу (десен бек), Лу Чанг (голман)

🇸🇳 СЕНЕГАЛ 🇸🇳

Сенегал е најмалку искусната репрезентација во групата, која се појавува само по втор пат на Мундијалите, откако заврши на 18. место на СП во Јапонија 2019 година.

Сенегал ги загуби сите натпревари одиграни против европски селекции во Јапонија 2019 година, а за ова СП се квалификуваше откако заврши на четвртото место на Африканското женско првенство во 2022 година. Тогаш Сенегал загуби во полуфиналето од Ангола, 21:24, по продолженијата, а потоа и на натпреварот за бронзениот медал против Конго, 19:20.

Но, со неколку играчи кои настапуваат во француските лиги, Сенегал е навикнат да игра против силни тимови, па сигурно дека може да се покажат како тежок плен.

Клучни ракометарки: Сукеина Сања (среден бек), Хава Н’Диаје (пивот), Раиса Дапина (десно крило), Њонсиан Ниомбла (среден бек)