Ѓорѓиевска: Играњето против Шпанија е позитивно за нас

Женската сениорска репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир пред квалификацискиот двомеч против Шпанија за место на ЕП 2024 година.

Селекторот Кристијан Грчевски за двомечот против „црвената фурија“ смета на 20 ракометарки, меѓу нив се и искусните Елена Ѓорѓиевска, Сара Ристовска, Јована Саздовска…

Елена Ѓорѓиевска ги истакна своите очекувања за дуелот против шпанската репрезентација, која секогаш се наоѓа меѓу најдобрите репрезентации на сите натпреварувања.

,,Конечно после една пауза повторно имаме собир, се надевам дека ќе биде многу добро, гледам дека девојките се позитивни од првиот ден, не сме уште комплетирани, недостасуваат уште неколку ракометарки, најважно е што сите се позитивни. Имаме два натпревари, кои се многу важни за нас, како еден напредок во ракомет, бидејќи играме со една велесила како што е Шпанија, тоа е позитивно за нас и се надевам дека ќе дадеме повеќе на дуелите”, изјави Ѓорѓиевска.

Првиот меч со Шпанија е на 29 февруари во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 18:00 часот, додека реваншот е на 3 март во Ланцароте од 17:00 часот.

Македонија практично е пласирана на Европското првенство, бидејќи оствари две победи, против Литванија и Азербејџан.

📷 Македонија ги започна подготовките за бараж двомечот со Шпанија