Ѓорче Петров по вторпат славеше над Тиват, обезбеди трета рунда во Европскиот Куп

Ракометарките на Ѓорче Петров по победата над Тиват од 29:24 обезбедија пласман во третата рунда во Европскиот Куп.

На првиот меѓусебен натпревар, кој беше одигран во Скопје, составот на Ѓорче Петров издвојува убедлива победа од 43:22.

На денешниот реванш дуел Ѓорче Петров имаше свои подеми и падови, посебно во вториот дел, во кој ракометарките на Тиват парираа до 50 минута.

Избраничките на Симе Симовски по предноста од 4:1, односно 5:2, дозволија црногорскиот тим да одигра квалитетно во одредени периоди. Ракометарките на Тиват парираа колку што можеа, намалија на 6:5 во 10 минута, но македонскиот шампион со разновидна игра успеваше да има резултатска контрола.

Ѓорче Петров по петнаесетина минути игра дојде до дотогаш највисоките плус четири гола разлика, 10:6. Во првата половина од првиот дел, голманката на Тиват, Даница Пандуровиќ, имаше пет интервенции, додека Слободанка Кицеска зад своето име имаше запишано три одбранети удари.

Домаќинките се почесто правеа грешки, немаа многу идеја во нападот, па така тимот на Симовски додаде уште четири гола во низа и се одлепи на 14:6. Македонскиот шампион успеа да ја одржи високата позитива и на пауза замина со плус шест, 15:9.

Тиват за момент се консолидира во првиот дел од второто полувреме, направи серија од 5:0 и се закани намалувајќи на 15:14. Првиот гол за Ѓорче Петров во вториот дел го постигна Марија Јанкуловска во 37 минута. Откако Тиват намали на 19:18, македонскиот претставник се одлепи на 21:18, но никако не можеше да ја осигура победата.

Тимот на Ѓорче Петров во финишот од натпреварот го скрши отпорот на домаќинот, откако беше 24:23, ракометарките на Симовски направија серија од 4:0, се одлепија на 28:24 и потоа немаа голем проблем за да дојдат до втора европска победа.

Најефикасна во Ѓорче Петров беше Емилијана Ризоска со седум погодоци, пет постигна Ангела Јанкуловска, по четири додадоа Марија јанкуловска и Ана Марија Коларовска.