Ѓорче Петров и натаму на максимум – 26 победи на 26 натпревари

Старо-новиот шампион на Македонија, Ѓорче Петров, ја продолжи победничката низа оваа сезона во Женската лига.

„Лавиците“ од Ѓорче Петров го совладаа Вардар со убедливи 38-26 и ја запишаа 26. победа во исто толку натпревари.

До крајот на сезоната имаат уште две средби во плеј-офот, но ги очекува и Ф4 во Купот на Македонија, каде што би можеле да освојат двојна круна.

Против Вардар, Ѓорче Петров отвори со водство, 5-0, па 7-1 и понатамошниот тек од натпреварот беше „веќе виден“ на дуелите на шампионот во Женската лига.

Најдобри кај победникот беа Ризоска со осум, како и Дамјаноска и Кадиату со по шест погодоци, додека кај Вардар се истакна Голабоска со пет гола.