Голманот на Силкеборг, Микел Локвист, кој имаше забележителни партии на Светското младинско првенство минатата година, но и во оваа сезона во групната фаза од Лигата на Европа, е блиску до преселба во најбогатиот европски клуб ПСЖ.
Според пишувањата на данскиот портал handballtransfer.dk, младиот голман за време на ЕХФ неделата би требало да отпатува во градот на светлината и да оствари средба со челниците на францускиот шампион и на средбата се очекува да биде официјализирана соработката меѓу двете страни.
Тренерот на ПСЖ, Раул Гонзалез, на располагање на голманската позиција го има репрезентативецот на Шведска, Адреас Паличка, како и сонародникот на Локвист, Јаник Грин. Двајцата голмани треба да одиграат најмалку уште една сезона во ПСЖ, бидејќи имаат активни договори до летото, 2025 година.
Локвист редовите на Силкеборг ги засили во сезона 2021/22 од Фредериција, потпиша четиригодишен договор, ќе одигра уште една сезона за данскиот суперлигаш и во сезона 2025/2026 би требало да го направи трансферот од соништата.
Новата голманска надеж на Данска во периодот од 2019 до 2023 година 45 пати настапи за различни младински репрезентации на својата татковина. На светското младинско првенство 2023, кое се одржа во Германија, беше меѓу најзаслужните за освоеното петто место.