Гајиќ: Си ја олеснивме работата во првиот дел, изработивме се што беше договорено

Голден Арт врза две победи во серија, откако по триумфот минатото коло над Мулти Есенс, славеше дома и против Вардар Неготино со 31-24.

Капитенот Глигор Гајиќ, вели дека работата беше завршена уште по првото полувреме и потоа беше полесно.

„Изработивме се што беше договорено, уште по првото полувреме си ја олеснивме задачата. Секој си ја одработи својата задача особено во одбраната и потоа постигнавме лесни погодоци, се одлепивме. Резултатот на крајот не е битен, важна е победата“, вели Гајиќ.

Голден Арт сега има четири победи и едно реми на девет меча и ќе ја продолжи трката за плеј-оф.

„Уште пред почетокот на сезоната кажавме дека атакуваме на плеј-офот, штета што не извлековме уште некои бодови на дел од другите натпревари од првиот дел. Се надеваме на уште подобра претстава против Бутел Скопје и Пролет, па да успееме да влеземе во ТОП 8. Во Прилеп пропуштивме шанса за цел плен, можевме и со Пролет да чепнеме барем бод. Не сме разочарани од досегашните резултати, затоа што има можност да се поправиме, но наше е да изработиме до крај“, заврши Гајиќ.

Голден Арт пак во игра за плеј-оф: Го „преслуша“ Вардар Неготино