Фленсбург не дозволи изненадување и ќе го брани трофејот во ЛЕ!

Актуелниот освојувач на трофејот во Лигата на Европа, Фленсбург, ќе го брани истиот откако стана прв учесник на Ф4 во Хамбург.

По ремито на домашен терен 39-39 со екипата на Хановер, Фленсбург славеше на гостински терен со убедливи 43-35 и покажа кој е кој во овој дуел.

Хановер водеше со три гола во првиот дел во повеќе наврати, но пред паузата имаа мал пад во играта, Фленсбург тоа го искористи и казни за плус два, 22-20.

На стартот на второто полувреме следуваа три гола по ред на Јакобсен и Питлик за 25-20 и тоа беше најава дека Фленсбург нема да препушти ништо на случајноста.

Најдобар поединец во победничкиот тим беше Ласе Мелер со десет голови, Јакобсен даде девет, а Питлик осум гола, додека кај Хановер се истакна Тисие со десет погодоци.