Фленсбург бара 900.000 евра за порано да го ослободи Гола!

Како што пренесуваат медиумите од Данска, капитенот на Фленсбург и германската репрезентација Јоханес Гола следната сезона ќе се пресели во друг бундеслигашки клуб.

Станува збор за Мелсунген, клуб кој е предводен од екс тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо. Мелсунген оваа сезона има високи амбиции на домашна и европска сцена, а моментално е лидер во Бундес лигата.

Најпрво Фленсбург и Мелсунген се договориле кружниот напаѓач во тимот на Парондо да се пресели по завршувањето на следната сезона, односно во сезона 2026/27, но Мелсунген го посакува Гола уште од ова лето.

Според данските медиуми, ваквиот чекор ќе го чини Мелсунген 900.000 евра, па така сегашниот клуб на Гола ќе профитира доколку предвреме се ослободи од него.

Директорот на Фленсбург, Холгер Гландорф, не сакаше да ги коментира гласините за кружниот напаѓач.

,,Нема да ги коментирам шпекулациите околу Јоханес Гола, тој е важна алка во нашиот тим, и како личност и како капитен”.

Гола дел од својата кариера ја мина токму во Мелсунген, а од сезона 2018/29 го носи дресот на Фленсбург.