Еурофарм Пелистер на гостувањето во Унгарија кај Веспрем загуби со 33:26 во натпревар од 9. коло од Лигата на шампионите. Избраниците на Чави Пасквал победата си ја обезбедија уште во првите петнаесетина минути и до крајот одиграа доминантно против битолскиот тим.
Веспрем отвори според планираното и во воведните пет минути дојде до предност од 5:0. Фуриозниот налет на домаќините беше знак дека пелистерци ќе мора да го дадат максимумот за да се покажат во добро светло.
Македонскиот шампион првиот гол на натпреварот го постигна во 8-та минута преку Богдан Радивојевиќ за 5:1. Битолчани намалија на 5:2, но Веспрем играше според зацртаното, имаше контрола на теренот и за десет минути игра постигна осум, а прими три гола.
Во овој период од натпреварот расположени за игра во домашниот табор беа Бјарки Мар Елисон и Лудовик Фабрегас, двајцата ракометари имаа по четири гола во воведните десет минути.
Како одминуваше времето, растеше разликата на домаќините, па така во 20 минута Веспрем дојде до плус девет, 14:5, и последните петнаесетина минути од првиот дел ги одработи рутински, на пауза замина со 20:11.
Во вториот дел немаше поголема промена, тимот на Веспрем константно водеше со висока разлика, додека македонскиот шампион во финишот ја преполови негативата и се избори за поблаг пораз.
Најефикасни кај Еурофарм Пелистер беа Филип Кузмановски со шест и Богдан Радивојевиќ со пет гола. Кај Веспрем се истакнаа Лудовик Фабрегас и Сергеј Косоротов, двајцата имаа по седум реализации.
Полскиот шампион Висла Плоцк дојде до втората сезонска победа во европската елита, откако на свој терен ја оправда фаворитската улога против Фредериција триумфирајќи со 30:21.
Токму Висла Плоцк е следниот ривал на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите и овој натпревари и можел да биде одлучувачки за пласман во осминафиналето.