Еурофарм Пелистер му пружа силен отпор на големиот ПСЖ, но има минус три на пауза

Екипата на Еурофарм Пелистер одигра одлично прво полувреме против најскапиот европски тим, ПСЖ. Иако пелистерци на пауза имаат негатива од 15:12, сепак, во најголемиот дел од првото полувреме беа повеќе од рамноправен противник, на моменти и водеа.

Откако домаќините поведоа на стартот со 3:1, македонскиот шампион со погодоците на Пешевски и Радивојевиќ израмни на 3:3. Пелистерци добро се држеа во одбраната, не оставаа многу простор за напредок во играта на домаќинот, па така по пет минути игра резултатот беше 4:4.

Еурофарм Пелистер при нерешен резултат од 5:5 во неколку наврати имаше ситуации да дојде до прво водство, но домашниот тим го имаше расположениот Паличка. Ниту ПСЖ не играше најдобро и битолчани кон средината на првиот дел со голот на Пешевски ја презедоа контролата победувајќи со 6:5.

Избраниците на Јовиќ играа лавовски во дуелот со ѕвездениот тим на ПСЖ, кој никако не можеше да се одлепи на поголема предност. Битолчани предноста од еден гол разлика ја одржуваа до 15 минута, потоа домаќинот беше тој кој ја презеде иницијативата на терен, но немаше голема комоција во играта.

Во 20 минута беше 10:10, додека три минути подоцна резултатот гласеше 13:10 за домашниот тим. Серијата на ПСЖ беше прекината со голот на Петар Атанасијевиќ, кој намали на 13:11 во 25 минута. До крајот на полувремето, тимот од Битола постигна еден, а прими уште два гола за 15:12 на пауза.