ЕП 2024: Група Е – Бранителот на титулата пред сите, ослабената Холандија посакува прогрес

Од 10 до 28 јануари Германија ќе биде домаќин на Европското сениорско првенство во машка конкуренција. Гледачите во Минхен, Берлин, Хамбург, Келн, Манхајм и Диселдорф ќе имаат можност да ги видат мајсториите на најдобрите ракометари. 24Ракомет ви ги претставува учесниците на претстојното ЕП...

ГРУПА Е (МАНХАЈМ)

Главен фаворит во оваа група е актуениот бранител на титулата, репрезентацијата на Шведска, која се очекува да заврши на првото место. Холандија во конкуренција на БиХ и Грузија е главен кандидат за второто место. На меѓусебниот дуел меѓу БиХ и Грузија би се одлучувало кои од овие две репрезентации ќе заврши на третото место, кое што носи полесен ривал во ждрепката на Светското првенство 2025. Натпреварите од групата Е ќе се играат во Манхајм, домаќин ќе биде „Сап Арена“, која е со капацитет до 13.200 посетители.

ШВЕДСКА

Репрезентацијата на Шведска повторно ќе биде главен кандидат, не само за првото место во групата, туку и за одбрана на титулата. За Шведска настапот на Европското првенство во Германија ќе биде 15 учество на континенталните собири. Скандинавската репрезентација најголемиот успех на Европските првенства го постигна пред две години.

Швеѓаните на претходното Европско првенство со голот на Екберг од пенал ја совладаа Шпанија во финалето и се искачија на европскиот трон. Во оваа репрезентација на ниту една позиција не недостасува квалитет, иако ќе недостасуваат крилата Џери Толбринг и Валтер Кринц, потоа бековите Лукас Нилсон, Линус Персон, Густав Давидсон…сепак, тука се Јим Готрфисон, Феликс Клар, Лукас Сандел…

Познато е дека Шведска игра цврста одбрана, класична 6-0, и кога на една таква одбрана ќе се додадат голманите Паличка и Тулин, кој брани во животна форма, тогаш се добива уште поголема цврстина. Главното оружје на Шведска е брзата транзиција, па поради тоа најголемиот товар би паднал на крилата.

Сите 18 повикани ракометари за настап на Европското првенство можат да одиграат во текот на сите 60 минути, па така во составот на Солберг нема некој кој што отскокнува како најслаба алка. Солберг ќе може да комбинира на натпреварите против Грузија и БиХ, така ќе може и да ги заштеди главните играчи за третиот и најбитен натпревар, оној со Холандија.

Селектор: Глен Солберг
Главни играчи: Џим Готрфидсон (среден бек), Андреас Паличка (голман), Хампус Ване (лево крило)

Распоред на натпревари:
11 јануари, 20:30, Шведска – БиХ

13 јануари, 20:30, Грузија – Шведска
15 јануари, 20:30, Шведска – Холандија

ГРУЗИЈА

Грузија ќе биде еден од дебитантите на Европското првенство во Германија. Оваа репрезентација од клупата е предводена од екс ракометарот на Вардар, Тите Каланадзе. Како дебитант Грузија ќе биде аутсајдер во групата Е, но составот на Каланадзе на квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство покажа дека може да им парира на посилните репрезентации.

Иако Грузија нема големи имиња, има неколку ракометари кои би им создавале многу проблеми на Шведска, Холандија и БиХ. Најзвучно име во репрезентацијата на Грузија е Гиорги Цковребадзе. Десниот бек од оваа сезона игра во Бундес лигата, го носи дресот на Гумерзбах и во најсилната лига на светот прикажува квалитетни партии, што е голем плус за грузиската репрезентација.

Дали Грузија ќе оствари белег во дебитанскиот настап ќе зависи и од екс голманот на Охрид и Прилеп, Зураб Цинцадзе. Освен Цинцадзе, во Грузија настапуваат уште неколку ракометари кои поминале низ македонската елита. Тоа се Иракли Кбилашвили, Гиорги Дикаминџија, Хасеим Рустамов и Мириами Гавашелишви. На Eвропското првенство ќе дебитира членот на Охрид, левиот бек Теимураз Орјонокидзе.

За Грузија како аутсајдер најважен дуел ќе биде со репрезентацијата на БиХ. Грузија доколку го освои третото место, со оглед на составот со кој располага и квалитетот на ривалите, тоа би значело и солиден успех во дебитанскиот настап.

Селектор: Тите Каланадзе
Клучни играчи: Гиорги Цковребадзе (десен бек), Зураб Цинцадзе (голман), Теимураз Орјонокидзе (лев бек)

Распоред на натпревари:
11 јануари, 18:00, Холандија – Грузија

13 јануари, 20:30, Грузија – Холандија
15 јануари, 18:00, БиХ – Грузија

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

БиХ првиот настап на Европските првенства го имаше во 2020, потоа следуваше настапот во 2022, но и на двата настапи на континенталните собири босанската репрезентација заврши на 23 позиција. Репрезентацијата на БиХ имаше успешни квалификации за пласман на Европското првенство, двапати беше победен Косово и по еднаш беа совладани Црна Гора и Словенија.

Што се однесува до составот, на списокот кај новиот селектор Ирфан Смајлагиќ не се најде екс ракометарот на Еурофарм Пелистер, Јосип Периќ. Голманот Харун Хоџиќ, кој е меѓу најдобрите четири голмани за првиот дел од натпреварувачката сезона 2023/24 во францускиот шампионат, е сместен меѓу резервистите.

Гледајќи кој сѐ настапува во репрезентацијата на БиХ, се доаѓа до заклучок дека Смајлагиќ ќе има конкурентен тим, но се поставува прашањето дали составот со кој располага ќе може да се надигрува со силните Холандија и Шведска, или тоа надигрување би траело само во одредени периоди од натпреварот…?

БиХ зад себе нема искуство од големите натпреварувања, но во својот состав има искусни ракометари кои настапуваат во познати клубови, како на пример, кружниот напаѓач Мирсад Терзиќ (Висла Плоцк), Марко Паниќ (Монпелје), Бенјамин Буриќ (Фленсбург), младиот и перспективен ракометар Лука Периќ (Целје)…

За БиХ првиот предизвик на Европското првенство ќе биде натпреварот против репрезентацијата на Шведска, потоа следуваат дуелите со Холандија и Грузија.

Селектор: Ирфан Смајлагиќ
Клучни играчи: Бенјамин Буриќ (голман), Марко Паниќ (десен бек), Лука Периќ (десно крило)

Распоред на натпревари:
11 јануари, 20:30, Шведска – БиХ

13 јануари, 18:00, БиХ – Холандија
15 јануари, 18:00, БиХ – Грузија

ХОЛАНДИЈА

Една од репрезентациите кои што е во подем во последните години е холандската репрезентација. На Европското првенство 2022 „лалињата“ го направија најголемиот успех во својата историја, завршија на 10 позиција, додека две години пред тоа, односно на Европското првенство 2020 беа дури 17 место.

Холандија ќе биде осетно ослабена на Европското првенство, нема да настапи ѕвездата Кај Смитс. Како што е познато, десниот бек на Фленсбург поради проблеми со срцето мораше да го откаже настапот и да земе одмор. Најголемиот адут на Штафан Олсон на Европското првенство ќе биде средниот бек од ПСЖ, Лук Стеинс, но и идниот член на „светците“ Дани Бајенс. Во составот на Холандија ќе има и тројца дебитанти, тоа се – Кај Геенен, Томас Хаутепен и Тим Класенс.

За Холандија натпреварите против БиХ и дебитантот Грузија не би требало да се тешки, но затоа на натпреварот со Шведска, натпревар кој ќе биде одигран во последното коло од групната фаза, би го покажал вистинското лице за моменталната сила на Холанѓаните, кои ќе посакуваат да направат прогрес, односно да стигнаат до главната рунда, а потоа можеби и меѓу најдобрите четири европски селекции.

Селектор: Штафан Олсон
Клучни играчи: Лук Стеинс (среден бек), Дани Бајенс (среден бек), Самир Бенџамин (пикер)

Распоред на натпревари:
11 јануари, 18:00, Холандија – Грузија

13 јануари, 18:00, БиХ – Холандија
15 јануари, 20:30, Шведска – Холандија