Емотивна порака на Лука Карабатиќ за брат му Никола која допре до сите!

Неодамна својата феноменална кариера ја заврши еден од најдобрите ракометари на сите времиња, Никола Карабатиќ.

Својот последен натпревар го одигра на Олимписките игри во Париз против Германија во четвртфаинлето, а Франција беше елиминирана по продолженијата.

Поразот значеше и простување на големиот Никола Карабатиќ.

„Готово е, веќе никогаш нема да доживеам ваква атмосфера. Но со задоволство ја затворам својата кариера, и понатаму ќе го бодрам овој тим“, изјави тогаш Никола.

Тој со Франција освои три пати злато на ОИ, четири пати на СП, како и четири пати на ЕП. Кога се работи за клупската кариера, три пати ја освојуваше титулата во Лигата на шампионите.

Неговиот брат Лука му посвети емотивна порака.

„Мој брате, не е лесно да се најдат зборови. Има толку многу да ти кажам, толку многу работи и доживувања заедно. И како што често знаеме да си кажеме, не сум најдобар во покажување на своите чувства и отворање на срцето.

Благодарам! Ти благодарам што како постар ми го трасираше патот. Ти благодарам што го одбра ракометот и што ме зеде со себе. Ти благодарам што никогаш не ме остави од страна кога бевме мали.

Ти благодарам за ненадејните искуства, за ударите со нога кои требаше да запрат на два сантиметри од моето око, но не запираа, за борбата под јорганот, давењето и гушењето, фрлањето песок на плажата што завршуваше во моите очи и итните случаи.

Ти благодарам што ми покажа дека е важно да си добар во училиште. Ти благодарам што веруваше во мене кога одев на тенис, а уште повеќе кога му се вратив на ракометот.

Ти благодарам што ми всади чувство за семејство, што секогаш негуваше братска врска. Ти благодарам за дарежливоста и за чувството за споделување.

Ти благодарам што ме натера да сонувам, што ми покажа дека е можно, што направи да сонуваат милиони луѓе, што инспирираше илјадници мали ракометари, што го запиша нашето име во историјата на францускиот спорт.

Ти благодарам што игравме пинг-понг, тенис и хокеј, игравме ризик, и за фрлањето на коцкичките во глава, и за многу други игри.

Ти благодарам за твоето присуство, за искуствата, издржливоста, смеата и кикотењето со пријателите и соиграчите. Ти благодарам што ја постави границата високо, како што рече тато.

Го заслужи одморот како вистински воин. Уживај со Џералдина, Алек и Нона. Тие можат да бидат горди што имаат татко како тебе. Сега на мама ќе и биде помалку стресно кога ќе ги гледа натпреварите.

Што се однесува до мене, го загубив брат ми на теренот, но животот е многу повеќе од тоа, не’ очекуваат уште многу убави работи, сигурен сум… Твојот брат кој те сака“, напиша Лука.