Екс вардарецот поднесе оставка: Алем Тоскиќ не е веќе тренер на Целје

Некогашниот играч на Вардар, Алем Тоскиќ, не е повеќе тренер на словенечкиот првак Целје Пивоварна Лашко.

По елиминацијата од Купот на Словенија и поразот од Крка, Тоскиќ реши да си поднесе оставка од тренерската функција, што раководството на Целје ја прифати.

Тоскиќ дојде во Целје во 2021 година од унгарскиот Чурго и лани имаше одлична сезона во која освои дури три трофеи.

Сепак сезонава остана без многу од играчите, некои од нив заминаа и среде сезона, па сметката за наплата стигна во клучниот дел од сезоната.

На сето тоа се надоврзаа и 14 порази на 14 натпревари во Лигата на шампионите, па на местото на Тоскиќ до крајот на сезоната ќе биде Клемен Лузар, кој досега беше тренер во младинските категории на Целје.

Словенечкиот првак оваа сезона тешко дека ќе стигне до одбрана на тронот бидејќи во овој момент заостанува четири бода зад лидерот Тримо Требње и два бода зад второпласираниот Горење Велење.