Европска ракометна федерација донесе значајни одлуки за иднината на европските клупски натпреварувања, кои ќе стапат на сила од сезоната 2026/27.
На состанокот во Катовице, Извршниот комитет усвои нов систем на критериуми за учество во ЕХФ Лига на шампиони, при што најголема новина е воведувањето на клупски ранкинг базиран на резултатите од последните три сезони за разлика од досегашната пракса да не важат резултатите од тековната сезона.
Дополнително, ЕХФ воведува и нов критериум – „highlight event“, со кој клубовите ќе треба да понудат концепт за атрактивен настан на домашен натпревар, додека медиумската работа и дигиталното присуство ќе се оценуваат одделно.
Потврдено е дека победникот на ЕХФ Лига на шампиони 2025/26 ќе има загарантирано место следната сезона, без разлика на пласманот во домашното првенство.
Шанса за настап ќе добие и победникот на ЕХФ Европска лига, но под одредени услови, додека лимитот останува максимум три клуба по федерација.
Конечниот состав на елитното натпреварување ќе биде познат по Ф4 во Келн, а ждрепката за групната фаза е закажана за 26 јуни.
Извршниот комитет одобри и дополнителни одлуки:
- Клупски ранкинг: ќе се базира на резултатите од последните три сезони и ќе се користи за носителство на ждрепката (не за учество)
- Late entry правило: ЕХФ може да дозволи исклучок (на пример, ако некој клуб се повлече)
- Финансии: клуб кој нема да ја заврши сезоната губи право на сите исплати и надоместоци
- Ждрепка: ќе се применува „country protection“ правило (каде што е можно)
- Лига на Европа: нов формат без квалификации, можни дополнителни места според ранкинг
- Европски куп: можност за регионална ждрепка и заштита на клубови од иста земја во првите две кола
Македонија во следната сезона ќе има едно место во Лигата на Европа и три во ЕХФ Европскиот Куп, но сосема извесно дека шампионот ќе бара вајлд-карта за Лигата на шампионите и ако ја добие, тогаш вицепрвакот добива место во Лигата на Европа. Извесно е дека и третопласираната екипа ќе бара „апгрејд“ за место во Лигата на Европа, па лесно може да се случи Македонија да има еден тим во ЛШ, два во ЛЕ и најмалку еден во ЕХФ Купот.
Кај дамите, ситуацијата е иста – едно место во Лигата на Европа и три во ЕХФ Европскиот Куп, но таму најверојатно сите пријавени екипи од Македонија ќе бидат дел од ЕХФ Европскиот Куп.
























