Македонија Ѓорче Петров запиша победа на гостувањето кај Текстилец во Штип со 29-26 во натпревар од 4 коло во прволигашката конкуренција. Иако губеше со 16-12 по првиот дел, а потоа и со шест гола во второто полувреме, 19-13, сепак гостинската екипа успеа да ги освои двата бода.
Штипјани имаа плус пет, 20-15, но Марјан Савев доби црвен картон, па почна пресвртот на ѓорчевци. Дадоа седум гола по ред за 22-20, но домаќините успеаја да се вратат од шокот и израмнија на 23-23.
Беше и 24-24, но тогаш гостите го зададоа последниот удар, поведоа со 27-24 и веќе немаше назад за Текстилец. Предводници на Македонија Ѓорче Петров беа Стефан Нацев со девет и Боби Неделковски со шест погодоци. Кај Текстилец се истакна Милисав Петров со шест гола.
Ракометарите на Кичево во последните секунди постигнаа гол и одиграа реми со Аеродром, 32-32. Иако гостите водеа со 31-28, сепак дозволија домаќините да направат голем камбек и да се спасат од пораз.
Ристовски даде гол за 32-31 за Аеродром, но Стефаноски успеа да израмни и да донесе бод а Кичево. Аеродромци имаа и седум гола предност во текот на мечот, па може да жалат што не се враќаат дома со целиот плен.
Најдобри стрелци во гостинскиот тим беа Ниновски со 12 гола и Ристовски со седум, додека Лозаноски даде 13 за Кичево, а девет пати погоди Атанасовски.