Романскиот шампион Динамо Букурешт веќе извесен период е во потрага по нови засилувања за следната натпреварувачка сезона. Како што е познато, тимот од романската престолнина посакува да создаде поконкурентен тим за европска сцена.
За остварување на зацртаната цел, раководството на клубот ќе треба да ангажира квалитетни играчи. Според романскиот портал „Gazeta sportuliror” нови имиња во тимот на Чави Пасквал ќе бидат Бранко Вујовиќ од Хановер и Ханиел Лангаро од Барселона.
Црногорецот Вујовиќ минатата сезона беше посакуван од Веспрем, но унгарскиот тим не ја плати бараната оштета. Црногорскиот десен бек настапува одлично на репрезентативно и клупско ниво и сигурно ќе биде големо засилување за Динамо Букурешт, кој планира камбек во Лигата на шампионите.
Секако за овој трансфер се прашува и полскиот Келце, со кој Вујовиќ има договор до 2027 година, но Талант Душебаев веројатно не планира во скоро време да го врати Црногорецот во полскиот гигант.
Доколку се остварат пишувањата на споменатиот медиум, тогаш Пасквал ќе го има на располагање и левиот бек од Барселона, Ханиел Лангаро. Бразилскиот репрезентативец од сезона 2019/20 го носи дресот на Барселона, претходно беше дел од Ла Риоха.
Освен двајцата ракометари, на романскиот шампион, според информациите на „RTH Handball“, треба да му се приклучи и словенечкиот репрезентативец Деан Бомбач. Веќе е познато дека Бомбач на лето ќе си замине од клубот од Сегед, па најверојатно неговата следна дестинација ќе биде Романија. Искусниот Бомбач во својата кариера настапуваше и за екипите на Копер, Екс ан Прованс, Келце и Динамо Минск.