Изминатиот викенд низ европските ракометни терени се одиграа голем број на дерби натпревари.
Во Португалија, Спортинг Лисабон со погодок во последните секунди славеше на гости кај Порто со 31-30, со фантастична партија на Мартим Кошта кој даде 11 голови. Спортинг сега има 11 од 11 на првото место на табелата, пред Порто и Бенфика.
По заминувањето од клупата на Андрија Николиќ и Иван Чупиќ, Загреб играше дерби со второпласираниот тим во групата А од хрватскиот шампионат, Сесвете и го победи на гости со 37-31. Во очекување на нов тренер, Загреб го водеше тим-менаџерот Божидар Јовиќ, но во домашното првенство можат да победуаат и без тренер. Загреб сега има осум од осум на првото место и покажа дека и сезонава нема да има конкуренција, ако се знае дека Нексе загуби од Спачва.
Во Словенија, Целје без особени проблеми го дерби дуелот со Тримо Требње со 37-28 и остана на првото место со 18 бодови по десет кола, додека на дербито во Русија меѓу Чеховски Медведи и актуелниот првак ЦСКА Москва победија „мечките“ со 29-24 и му направија услуга на Зенит, кој сега е прв на табелата со 18 бода, а го следат токму Чеховски Медведи и ЦСКА Москва со заостаток од два бода.
Во Франција, ПСЖ го победи Монпелје со 29-23, иако на полувремето имаше само еден гол предност, 14-13. Eлохим Пранди со десет гола беше најдобар кај ПСЖ и нерешлива загатка за гостите, кои сега паднаа на третата позиција. Тимот од Париз остана на врвот со девет од девет и 18 бодови.
Во Шпанија имаше дерби меѓу Гранољерс и Барселона, кое го добија гостите со 31-27. Барса водеше на паузата само со еден гол, 18-17, но во вториот дел го засили темпото и успеа да остане на максимум во Асобал лигата, односно седум победи на седум меча.
Во Бундес лигата, Фуксе Берлин неочекувано убедливо славеше против Кил со 35-26. Данците Ласе Андерсон со осум и Матијас Гидсел со девет гола, беа предводници на „лисиците“ против „зебрите“, кои и покрај тоа што го имаа одличниот Вулф на голот, не можеа да направат ништо против расположените домаќини. Мелсунген остана лидер на табелата во Германија со 16 бода, Хановер е втор со 15, додека на делба на третото место со по 14 бода се Фуксе Берлин, Магдебург и Гумерсбах, Фленсбург е шести со 13, додека Кил падна на седмото место со 12 бода, колку што има и Лемго.