Репрезентацијата на Данска со победата над Германија од 30:25 (15:13) ги задржа шансите за пласман во полуфиналето на Европското првенство 2024.
Првото полувреме мина во изедначена игра, двете репрезентации имаа свои моменти, се менуваа во водство, но скандинавската селекција успеа на пауза да замине со плус два разлика.
Клучниот момент за победата на Данска против бундес-тимот се случи во 45 минута. Данска со серија од неколку гола се одлепи на 25:20 и до крајот на натпреварот одржуваше резултатска контрола.
Ане Мете Хансен и Трине Остегард беа најефикасни кај Данска со по шест гола, кај Германија се истакна Лиза Антл со четири гола.
Словенија со победата над Швајцарија од 33:23 ги впиша првите бодови во главната фаза на континенталниот собир. По поразот од Холандија, Словенките во 2. коло успеаја да дојдат до посакуваната цел.
Цели 45 минути се играше израмнето, најчесто Словенија имаше предност, но таа беше минимална, па така Швајцарија се надеваше дека може нешто да смени, но во последниот дел составот на Аџиќ започна постепено да се одлепува, а домаќинките веќе во 50 минута се откажаа од големата борба.
Предводнички во репрезентацијата на Словенија беа Тјаша Станко и Аба Абина, двете ракометарки имаа по шест реализации. Кај Швајцарија исто така две ракометарки беа најефикасни – Табеа Шмид и Миа Софиа Еменегер со пет гола.
Избраничките на Драган Аџиќ до крајот од главната фаза треба да одиграат уште два дуели, против Данска и Германија.