Ракометарите на Прилеп денеска во претпоследното, 13. коло од плеј-аут фазата ќе гостуваат кај тимот на Вардар Неготино и ќе се обидат да дојдат до уште една нова победа, со која ќе бидат чекор поблиску до остварување на целта – директен опстанок во суперлигашкото друштво.
Еден од најдобрите стрелци во тимот на Божидар Мојсов, левиот бек Никола Цветаноски, ги истакна своите очекувања за денешниот дуел.
,,Вардар Неготино е сериозен противник, на натпреварот одигран во Прилеп имавме проблеми за победа, иако тие се ослабени, сепак, сигурен сум дека ќе дадат максимум пред својата публика за добар резултат. Доколку сакаме победа против Вардар Неготино, ние ќе мора да сме одговорни со мал број технички грешки и добра одбрана. Последното коло со Еурофарм Пелистер 2 ќе одлучува која екипа ќе игра бараж, се надевам дека Прилеп нема да биде таа екипа. Ние ќе се потрудиме да дадеме максимум на последниве два натпревари и на најдобар начин да ја завршиме сезоната”, изјави Цветаноски.
Стружанецот е задоволен од играта на Прилеп во вториот дел од сезоната, но истканува дека неговиот тим можел многу повеќе во регуларниот дел од првенството.
,,Морам да кажам дека сум презадоволен од престојот во Прилеп. Првата полусезона беше проблематична, нов тренер, нови играчи, па ни требаше време да се воиграме, но во вториот дел покажавме квалитет во секој сегмент од играта и одигравме на многу повисоко ниво од првиот дел. Ќе бидам задоволен доколку Прилеп го задржи суперлигашкипт статус, мислам дека можевме многу повеќе во првиот дел и во иднина се надевам на уште поквалитетен Прилеп”, заврши Цветаноски.
Натпреварот меѓу Вардар Неготино и Прилеп ќе се одигра во спортската сала „Кирил и Методиј“ со почеток од 18:30 часот.