Циркус во Србија: Партизан џабе славеше титула, ќе се игра нов натпревар!

Вистински циркус се случува во српскиот ракомет по прекинатиот втор финален натпревар меѓу Војводина и Партизан во плеј-офот на тамошниот шампионат.

Иако по прекинот ракометарите на Партизан веќе славеа титула со навивачите и се фотографираа во шампионски маици, сепак шампионот сè уште не е решен! Директорот на Аркус лигата, Владимир Кнежиќ, донесе одлука натпреварот да се преигра в понеделник на „Слана Бара“ во Нови Сад, но овојпат без присуство на публика.

Хаосот започна поради инцидент на трибините, кога навивачи на Партизан фрлија топовски удар на теренот. Делегатот Јован Попадиќ побарал двете екипи да се вратат на теренот по прекин подолг од еден час, но Војводина одбила да продолжи, повикувајќи се на безбедноста на играчите. Судискиот пар Боричиќ и Марковиќ по 15 минути означил крај на мечот.

Според пропозициите, Партизан можел да добие службена победа од 10-0, но челниците на лигата решија титулата да не се додели „на зелена маса“.

Во меѓувреме следуваше вистинска војна со соопштенија меѓу двата клуба, а Војводина информираше дека нивниот ракометар Фран Милета имал зуење во ушите, проблеми со координацијата и покачен крвен притисок по инцидентот, иако за среќа нема потешки последици.

Новиот натпревар е закажан за понеделник од 19:00 часот, без публика, а двата клуба ќе можат да пријават по 20 лица во салата. Интересно, истите судии и истиот делегат повторно ќе ја делат правдата.

„Натпреварот нема да биде регистриран поради траен прекин за кој не е виновна ниту една екипа, туку ќе се одигра нов натпревар“, стои во одлуката на директорот на АРКУС лигата.