Тимот на Охрид по триумфот во Кавадарци и обезбедениот пласман на завршниот турнир во Купот на Македонија, фатија залет за финишот во сезоната.
Охриѓани го пречекуваат составот на Бутел Скопје и посакуваат продолжување на победничката серија.
Десното крило Гал Цирар очекува дека нема да биде лесно против полетната и млада екипа на Бутел Скопје.
„Можеме да бидеме задоволни со последните неколку натпревари, особено по триумфот над Тиквеш во Кавадарци, но не смееме да се опуштиме против Бутел Скопје и да мислиме дека ќе биде лесно. Треба сериозен пристап, да се влезе максимално сериозно и да одиме со победа на претстојната пауза“, вели Цирар.
Словенечкото десно крило добро го познава ривалот и знае од каде доаѓа најголемата опасност.
„Бутел Скопје има спој на искусни и млади играчи. Тука се најопасните Николов и Ѓеоргиевски, како и незгодниот голман Блажески, кој ако влезе во серија може да има 25 одбрани. Исто имаат уште два бека, лев и десен, млади, кои можат да шутираат од далечина. Мора да се подготвиме за сите нив. Комплетна екипа, брза и полетна. На првиот меч водевме со девет гола, а едвај победивме на крајот во последниот напад. Мора да играме на исто ниво со 100% сите 60 минути. Имавме некои падови на последните некои натпревари, но зборуваме за тоа како да го поправиме и се надевам дека научивме нешто од тие наши грешки“, заврши Цирар.
Натпреварот меѓу Охрид и Бутел Скопје се игра во СРЦ „Билјанини Извори“ во текот на утрешниот ден со почеток во 19:00 часот.