Цела сезона без пораз: Kaдетките на Вардар се шампиони на Македонија!

Kадетките на Вардар се новите шампиони на Македонија, откако во финалето ја совладаа екипата на Стружанка со убедливи 32-17. „Црвено-црните“ уште еднаш покажаа дека имаат талентирана генерација и во клубот одлично се работи со младинските категории.

Избраничките на Даниела Вељаноска, во чиј стручен штаб се Александра Кузмановска и Вероника Ѓорѓиевска, уште од стартот ја наметнаа својата игра и во текот на целиот натпревар не дозволија ривалот да се надева на нешто повеќе на овој меч.

Поведе Вардар со 10-1 и веќе беше јасно кој се движи кон титулата, а на пауза беше 16-4. Второто полувреме беше само рутинско одработување на задачата.

Претходно во полуфиналето вардарки имаа потешка задача и го совладаа со составот на Пелистер со 26-20, додека Стружанка беше подобра од Металург со 22-19. Во битката за третото место и бронза домаќинот Пелистер го победи составот на Металург со 23-21.

Вардар групната фаза ја заврши без пораз со осум победи, потоа уште две во четвртфиналето против Деспина и две на завршниот турнир, па со 12 од 12 е крунисана успешната сезона.