Бутел на сигурен пат: Нов договор за Кузманоски, фокус на млади таленти!

Тренерот Горан Кузманоски ја продолжи соработката со Бутел Скопје за уште две сезони, и официјално ќе биде кормилар на суперлигашот најмалку до 2027 година! Ова е потврда за довербата која клубот ја има во неговата работа, но и за стабилноста на проектот што носи резултати.

Кузманоски ја одработува својата втора сезона во клубот, а заедно со ракометарите ја исполни главната цел – пласман во разигрувањето за титулата. Неговиот концепт, кој се темели на младински погон и домашни играчи, дава сериозни резултати.

„Ќе се потпираме пред сѐ на македонски ракометари, особено млади играчи кои се иднината на нашиот клуб и на македонскиот ракомет воопшто“, изјави Кузманоски. „Ќе се засилиме со најмногу двајца странци, и тоа само таму каде што немаме соодветни домашни решенија.“

Бутел Скопје веќе неколку сезони го гради својот идентитет како тим што создава ракометари. Со значајни резултати во кадетска и во младинска конкуренција, системот функционира – и тоа се гледа на теренот.

„Нашата амбиција е јасна – и во следните две сезони сакаме плеј-оф и продолжување на изградбата на стабилен, конкурентен тим“, додава стратегот.

За Бутел Скопје останува уште еден натпревар оваа сезона – на 7/8 јуни против „сино-белите“ од Автокоманда. Победа на крајот би била шлаг на успешната сезона, но најголемата победа веќе е осигурана – иднината е во сигурни раце.