Бомба од Битола: Червар на чекор до клупата на Еурофарм Пелистер!

Еурофарм Пелистер сака најбрзо што може да се врати на врвот во македонскиот ракомет, и да направи „ресет“ на сите нивоа. Откако се сменија тројца тренери сезонава на клупата, а не беше одбранета титулата, во клубот сакаат да ја вратат шампионската енергија, да се направи тим со кој ќе може да се носат и во домашното првенство и во Европа, и пред се да ја врати дисциплината и довербата.

А сето тоа би требало да биде под палката на Лино Червар! Тој е пред договор со битолчани, и би требало да биде лекот со кој тимот од Битола ќе се оправува од оваа сезона и ќе бара враќање на титулата. Познатиот Хрват кој има и македонски пасош и беше и селектор на Македонија, иако неколку години е надвор од теренот, се уште важи за „мозок“ кој ги има сите информации и знае да се справува со секоја ситуација.

Според информациите на 24ракомет, Лино Червар веќе имал контакти со луѓе од клубот и веќе се разговарало под кои услови и како тој би можел да ја преземе екипата. Управата на клубот е расположена да му ја даде довербата на Червар, за кого верува дека ќе може да ги стави сите коцки во мозаикот. Иако во игра се уште неколку други тренери.

Битолскиот тим сезонава се бори за второто место, и по три години нема да биде шампион на Македонија, а не успеа ниту да стигне до финалето на Купот на Македонија. Имаа и релативно „добра“ европска сезона, бидејќи освои 6 бода (две победи и две ремија) во групната фаза.

Лино Червар остави длабока трага во македонскиот спорт како тренер на Металург, клуб со кој создаде генерација што испиша историја. Под негово водство, тимот од Автокоманда стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите (2014 и 2015), а Македонија тогаш живееше за ракометот. Потоа кратко беше и селектор на Македонија пред да добие повик да се врати на клупата на Хрватска.

Во својата кариера, Червар има освоено златен медал на Олимписките игри во Атина 2004, светско злато во Португалија 2003, како и бројни европски медали со репрезентацијата на Хрватска. Познат по својата страст и интелигентен пристап кон ракометот, тој е еден од ретките тренери кои оставиле печат и во репрезентативниот и во клупскиот ракомет на највисоко ниво.

Се екипата на Металург беше четирипати шампион на Македонија, трипати го освојуваше Купот и беше вице-победник во првата сезона СЕХА лигата во сезоната 2011/2012.

Ако дојде во Битола, сигурно дека првенството на Македонија ќе биде уште поинтересно.