Блесок на младинските репрезентативци – Пелистерци со триумф над Тиквеш, Пролет подобар од Младост

Изминатиот викенд стартуваше и Младинската лига во машка конкуренција, во која сезонава ќе бидат активни 13 екипи.

Најинтересно беше во Битола, каде Еурофарм Пелистер го победи Тиквеш со два гола разлика, 37-35, иако гостите имаа шанса да се изборат за поволен резултат кога стигнаа до 35-35. Овој меч го одбележаа младинскиот репрезентативец Славчо Шулески и Мики Лазов кои погодија по 15 пати за кавадаречкиот тим, додека Благој Христовски од битолскиот им беше херој во домашната победа со 16 гола.

Вардар беше поразен на домашен терен од тимот од Автокоманда со 37-20, а драматичен натпревар се играше и во Охрид. Таму гостинот Овче Поле, за кој Борјан Цековски постигна 12 гола, водеше во финишот со 29-28, но домашниот со четири гола во серија успеа да направи комплетен пресврт и да дојде до бодовите. Најдобри во охридскиот тим беа Ристески со десет и Речкоски со седум гола.

Бутел Скопје загуби неочекувано дома од Мулти Есенс со 40-24. Гостите од Автокоманда ги предводеше Давид Димевски со седум гола, а Дарин Омерагиќ додаде уште шест. Во домашниот тим се истакнаа средниот бек Петар Цветковски со девет гола и Лука Перуновски со пет погодоци.

Еурофарм Пелистер 2 во Битола го совлада Прилеп со убедливи 36-27. Битолчани предводени од Томче Пецаковски со десет гола немаа многу проблеми со гостите од Прилеп, за кои Давид Трајкоски даде исто толку погодоци.

Пролет на домашен терен го совлада Младост Богданци со 42-33 во реприза од битката за третото место минатата сезона на Ф4 турнирот. Гостите во првиот дел одржуваа егал, но домаќинот кој имаше подолга клупа во второто полувреме го надигра комплетно тимот од Богданци. Репрезентативците Андреј Стојановски со десет и Михаил Тотиќ со седум гола кај Пролет, како и Антонио Николоски и Илија Чрчев од Младост со по осум, беа најдобри стрелци на теренот.

Младинска лига, 1 коло, резултати:

Вардар – Алкалоид 20-37
Охрид – Овче Поле 31-29
Еурофарм Пелистер – Тиквеш 37-35
Еурофарм Пелистер 2 – Прилеп 36-27
Бутел Скопје – Мулти Есенс 24-40
Пролет – Младост Богданци 42-33
Голден Арт слоб.