Елисон: Дуелот со Еурофарм Пелистер ќе биде тежок – како и сите во ЛШ

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер утре го има последното гостување во Лигата на шампионите во 2024 година.

Пелистерци ќе се соочат со Веспрем, кој веќе славеше во Битола, а левото крило на унгарскиот гигант Бјарки Мар Елисон го најави натпреварот.

„Сигурен сум дека дуелот со Пелистер ќе биде тежок за нас, како и сите останати натпревари во Лигата на Шампионите. Ние сакаме да победуваме на секој меч, па и сега ќе биде така. Ова ќе ни биде последен домашен меч во ЛШ оваа година и секако дека сакаме да завршиме со триумф, па ќе направиме се да останат бодовите дома“, изјави Елисон.

Исландскиот репрезентативец вели дека гледаат многу видеа за играта на македонскиот првак под водство на новиот тренер.

„Знаеме дека немаат пораз од нашиот последен дуел, така што во добра форма ќе пристигнат на овој дуел. Неодамна дојде Раул Алонсо за тренер, немаат пораз од неговото доаѓање, гледаме доста видеа од последните натпревари за да се подготвиме тактички, да видиме како играат под водство на новиот тренер“, продолжи Елисон.

Натпреварот меѓу Веспрем и Еурофарм Пелистер се игра утре во „Веспрем Арена“ со почеток во 18:45 часот.