Битолчани му парираат на силниот Алборг

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер одлично му парира на силниот Алборг во натпревар од 13. коло од Лигата на шампионите и по 30 минути игра има негатива од минутс три, 17:14. До 25 минута тимот на Ангеловски играше егал, на моменти водеше, но во финишот попушти.

Натпреварот во спортската сала „Боро Чурлевски“ го отворија гостите со голот на Арнолдсен, но пелистерци бргу возвратија за 1:1, а по пет минути игра ја презедоа иницијативата на теренот, откако по нерешени 3:3 реализираа за 4:3. Гостинот од Данска по десетина минути игра ја врати предноста, но немаа голема комоција во играта.

Алборг победуваше, македонскиот шампион израмнуваше, па така резултатот по 15 минути игра беше 8:8. До тој период, голманот на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак, имаше две интервенции, додека славниот Ландин само една одбрана. Во нападот на Еурофарм Пелистер одлично функционираa Кузмановски и Борзаш, двајцата беа незадржливи на теренот.

По 20 минути игра, односно по нерешените 10:10, данскиот тим за првпат се одлепи на плус два, 12:10. Алборг до 25 минута водеше со еден до два гола разлика, потоа дојде до 15:12 и трите гола предност за избраниците на Стефан Мадсен беа доволни да имаат помирна игра во завршниот дел и на пауза да заминат со 17:14.