Сегашниот прволигаш, а од следната сезона нов суперлигаш, тимот на Бисинов, денеска со победата над Драчево од 41:35 го потврди првото место на табелата во прволигашкиот плеј-оф.
До крајот од плеј-оф фазата во Првата лига треба да се одиграат уште три кола, но клубот од Велес сега има 36 бодови, односно 13 бодови повеќе од Радовиш, кој засега со 23 бодови се наоѓа на 2. позиција, која што носи суперлигашки бараж.
Велешани последен пат гледаа суперлигашки ракомет во сезона 2018/19 кога некогашниот шампион на Македонија, Борец, беше многу далеку да обезбеди опстанок во елитата и мораше да се пресели во понизок ранг на натпреварување.
Од сезона 2019/2020 во Велес имаше само прволигашки ракомет, а во следната сезона велешани по пет и пол години пауза повторно ќе можат да ги гледаат најдобрите екипи од Супер лигата.
Бисинов во регуларниот дел од сезоната во Првата лига не загуби ни бод, продолжи со исто темпо во плеј-офот и најверојатно со 100% учинок ќе ја заврши тековната сезона.