Белорусите удрија по ИХФ и ЕХФ: Тоа се само „гадни изговори“

Првиот човек на Белоруската ракометна федерација, Владимир Конопљов, остро реагираше откако ИХФ и ЕХФ не дозволија целосно враќање на Белорусија на меѓународната сцена, оценувајќи дека објаснувањата од двете федерации се само „гадни изговори“.

Конопљов во интервју за белорускиот Sport5 изјави дека федерацијата веќе подолго време работи со раководствата на светската и европската куќа на ракометот, но дека и покрај тоа не добила зелено светло за враќање на сениорските селекции и клубови. Тој нагласи дека, според одговорите што ги добиле, голем број земји и натаму се против враќањето на Белорусија и Русија на меѓународната сцена.

„Продолжуваме да работиме на тоа, затоа што сметаме дека тоа се гадни изговори. Зошто нема такво нешто во фудбалот? Истите тие земји беа против враќањето и во мечување, и во борење… Но зошто се соочивме со ова токму во ракометот? Порано се повикуваа на тоа дека не дозволува МОК“, порача Конопљов. Според него, Белоруската федерација подготвува и ново, поостро писмо, со кое сака јасно да ја испрати својата позиција до ИХФ и ЕХФ.

Реакцијата на Конопљов доаѓа во момент кога Белорусија доби само делумно олеснување, но не и целосно враќање. ИХФ во март 2026 одлучи да дозволи постепена реинтеграција само на младинските селекции на Белорусија и Русија, и тоа засега единствено преку самостојно организирани пријателски натпревари и турнири. Сите други ограничувања за сениорските национални тимови и клубовите остануваат во сила до натамошна одлука.

ЕХФ потоа го потврди истиот пристап и за европската зона. Во објавеното појаснување се наведува дека младинските и јуниорските репрезентации до 21 година можат самостојно да организираат и играат пријателски натпревари во земји каде нема ограничувања, додека суспензијата за сениорските селекции останува на сила. Од 1 јули 2026 е предвидено и ограничено враќање на поединечни службени лица, како судии и делегати, но само во неутрален статус и под строго утврдени услови.

Дополнителен повод за незадоволството на Белорусите е и тоа што федерацијата се надеваше на поширок пробив пред доделувањето на специјалните покани за Светското првенство 2027. Белоруската федерација претходно доставила повеќе писмени барања до ИХФ, а во мај Конопљов разговарал и со претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа, околу можноста Белорусија да добие вајлд-карта за мундијалот во Германија. Сепак, до целосна промена на статусот не дојде.

 

____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет.
Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________