Ангеловски: Не сум задоволен од играта во првиот дел, имавме премногу грешки

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер очекувано беше поразен на гостувањето во Германија кај гигантот Кил со 29:23 во натпревар од 12. коло од Лигата на шампионите.

За разлика од лошото прво полувреме, во кое Кил едноставно доминираше на теренот, во вториот дел Еурофарм Пелистер се покажа во подобро светло и успеа да се избори за пристоен пораз.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранко Ангеловски, по завршениот дуел даде свој коментар за играта на своите избраници.

„Денес игравме против најдобриот тим на светот според мене. Ние ја знаевме нивната моќ, во првото полувреме не бев задоволен од нашата игра, имавме многу технички грешки, неорганизирани напади и невозможно е да се игра така против тим каков што е Кил. Во второто полувреме игравме подобро и посакувам Кил да ја освои титулата во ЛШ, бидејќи мислам дека го заслужува тоа“, изјави Ангеловски.

Следен ривал на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите ќе биде данскиот вицепрвак Алборг.

Пелистерци поразени на гостувањето кај Кил