Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер по поразот од дербито со Вардар го очекува нов дуел во суперлигашката конкуренција.
Во Битола во „Боро Чурлевски“ гостува Пролет, кој е предводен од екс стратегот на битолчани, Александар Јовиќ.
Ангеловски вели дека поразот од Вардар е болен, но дека и не треба да се сфати трагично, бидејќи има уште многу за играње.
„Натпреварот со Вардар боли бидејќи е од голем ривал за шампионската титула, ама не треба да се сфати толку трагично затоа што имаме уште многу натпревари во првиот дел и главната фаза, кој почнува во април. Боли тој пораз, но мора да бидеме фокусирани за следните натпревари кои што доаѓаат затоа што секој натпревар си носи своја тежина и не треба да потценуваме ниту еден противник“, вели Ангеловски за 24Ракомет.
Следен гостин во Битола е составот на Пролет.
„Влегуваме во некој ритам каде што некои битни натпревари од македонско првенство ги загубивме и не треба тоа да ни остава некаква длабока трага, туку напротив треба да ги најдеме проблемите и грешките кои ги правиме на натпреварот да не ни се повторуваат ниту на натпреварите од Супер лигата, ниту во Лига на шампионите. Секој натпревар треба да влеземе максимално мотивирани и максимално спремни и само со таков пристап можи да сметаме на добра наша игра и победа“, заврши Ангеловски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Пролет се игра вечерва во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:00 часот.