Иако успеа да ја врати Војводина во најсилната српска женска лига, Андријана Будимир најверојатно нема да остане на клупата на новосадскиот клуб и во следната сезона. Според информациите на српски „Дневник“, соработката меѓу двете страни е завршена по крајот на сезоната и Војводина веќе бара нов шеф на стручниот штаб.
Будимир го презеде тимот во клучен момент и успеа да ја исполни основната цел – пласман во најсилната конкуренција. Клубот не успеа да обезбеди директна промоција како првопласирана екипа во Супер Б лигата, па мораше преку бараж да го обезбеди местото меѓу најдобрите, совладувајќи го тимот на Железничар од Инџија на неутрален терен во Рума.
Пред неколку дена Будимир и нејзиниот стручен штаб беа поздравени како клучни личности во враќањето на клубот во елитното друштво, но најновите информации најавуваат разделба и почеток на нова ера во Војводина.
За поранешната членка на Кометал Ѓорче Петров и двократен европски шампион, ова би значело крај на кратката, но успешна мисија во Нови Сад, каде што успеа да ја исполни зададената цел и да ја врати Војводина меѓу најдобрите српски екипи.
























