Управниот Одбор на Ракометната федерација на Македонија одреди премија за евентуалниот пласман на женската репрезентација на СП 2025.
Ракометарките и стручниот штаб на сениорките ќе поделат 1.500.000 денари ако ја елиминираат селекцијата на Полска.
„Ве известуваме дека Управниот Одбор на Ракометната Федерација на Македонија, согласно Член 35, 59 и 60 од Статутот поради итност на донесување на одлука согласно Член 3 точка 11 “Одлука без присуство” од Законот за здружение и фондации (Сл. весник на РМ бр. 52 од 16.04.2010 год.) на ден 07.04.2025 година донесе одлука за доделување на парична награда.
Управниот Одбор на РФМ одреди парична награда за македонската сениорска женска ракометна репрезентација за успешен пласман на претстојното светско првество преку квалификациски бараж натпревари против репрезентацијата на Полска во рамки на Women’s World Championship 2025 – Qualification Europe Phase 2 во висина од 1.500.000,00 денари нето износ“, се вели во соопштението на РФМ.
Првиот меч меѓу Македонија и Полска се игра на 9 април во Кошалин од 20:30 часот, додека реваншот е на 12 април во Битола од 19:00 часот.