„Ако имавме повеќе среќа, можевме да бидеме ние изненадувањето на ЕП“

Репрезентацијата на Црна Гора настапот на Европското првенство 2024 кое се одржа во Германија го заврши на 14. позиција.

Иако Црна Гора имаше амбиции да обезбеди пласман во главната фаза, сепак, немаше многу среќа во дуелите со Исланд и Унгарија.

Црногорците во последното коло ја совладаа Србија со 30:29 и со освоеното трето место во групата беа едни од носителите пред ждрепката за баражот за СП, па така за пласман на Мундијалот ќе се борат со подобриот од дуелот меѓу Белгија и Италија.

За потсетување, црногорската репрезентација дуелите со Исланд и Унгарија ги загуби во последната минута.

Селекторот на Црна Гора, Владо Шола во интервју за рускиот „Брз центар“ ги сподели своите впечатоци за играта на неговите избраници на континенталниот собир.

,,Во дуелите со Исланд и Унгарија во клучните моменти да реализиравме два пати и да не погрешевме со играч повеќе, можевме да бидеме ние изненадување на Европското првенство, на исто ниво со репрезентацијата на Австрија. Но, и без ова, имавме добар турнир и ќе продолжиме да напредуваме, сигурен сум во тоа. Ако порано, на пример, Црна Гора губеше од Исланд со 10 до 14 гола разлика, сега сликата е сосема поинаква”, изјави Шола.

Најверојатно Шола ќе остане предводник на „лавовите“ и со Црна Гора ќе атакува на пласман на уште едно големо натпреварување, а тое е Мундијалот следната година.