Aнализа на мечот Македонија – Австрија: Пајович нè надмудри, моравме да бидеме подготвени

За овој натпревар за анализа е само првото полувреме бидејќи во второто веќе сè беше готово.

Многу е тешко веднаш после еден ваков натпревар да се каже што и како, па може да се каже и некој збор повеќе, но важно е да се гледа смирено на работите.

Никогаш досега сме немале група како на ова Европско првенство. За наша несреќа не успеавме да ја искористиме како што треба. Се виде дека дуелот со Чешка на крајот беше и решавачки. Денеска тотално потфрливме на секое ниво од играта почнува од стручниот штаб, па до играчите и тука нема што да се крие.

Натпреварот го загубивме во првото полувреме. Селекторот на Австрија, Алеш Пајович нè надмудри, но ние требаше да бидеме подготвени за играта која тој ја презентираше. Тоа не беше класичен фластер на Лазаров, туку игра 5-1 со подвижен играч кој се обидуваше колку може повеќе да го оневозможи нашиот капитен. Можеби се работело на тренинзите како да се одигра во таква ситуација, но тоа не се виде на натпреварот.

На подготвителните натпревари Лазаров не играше. Немаше можност да одигра ниту минута заедно со Талески, Кузмановски, Танкоски… во бековската линија. Онаа бековска линија која играше на подготовките сега не одигра ниту една минута. На минатото Светско првенство еден од играчите во бековската линија беше Филип Лазаров особено кога имавме играч повеќе во напад.

Во одбраната после повредата на Велко Маркоски ние останавме без решение. Се виде дека ни недостига класичен дефанзивец. Мораше тука да има место за Димитриевски после повредата на Маркоски, а и претходно мораше и Кукоски да биде вброен на поширокиот список.

Зоната 5-1 не се игра исто за секој противник туку мора различно. Ние ја играме некако класично. Игравме 5-1 на Цајнер кој не го ни гледа голот. Моравме да одиграме поинаку. Штом тие тргнаа на Лазаров, требаше и ние на Билик, кој е брз играч и кој прави разлика. Се виде дека Божовиќ е побавен и добро го чувавме. Сепак, моравме да одиграме сосема поинаку при оваа 5-1 одбрана.

Не велам дека тоа не е работено на тренинзите, но можам да речам дека не видовме ништо на терен и не сум никако задоволен од тоа како одбраната беше поставена.

Според мене и тајм-аутот беше побаран доцна. Ваков натпревар се губи во секунда. Штом противникот почне да прави разлика и доаѓа до 2-3 гола предност реба да се пресече. Вака откако е веќе направена разлика од шест гола е доцна. Можам да кажам дека делувавме некако загубено и дека противникот како да не тераше постојано во грешки.

Можеби требаше и порано да се реагира со промена на голот и Ристовски да влезе на местото на Митревски. Тие требаше да бидат тандем голмани и да се надополнуваат. Мораше да се проба сè во тие 20-25 минути бидејќи потоа во вториот дел од натпреварот едноставно сè веќе беше загубено и не можеше да се поправи ништо.