Митровиќ: Немаме шанси за ТОП 12, но нема причина да не бараме победа

Ракометарите на Вардар ги очекува гостување кај Нант во 5 коло од Лигата на шампионите, кое не може да смени многу за македонскиот првак во поглед на пласманот во ТОП 12, но важно е за домаќинот во битката за главната рунда, а за вардарции во битка за трето место, што носи повластена позиција во ждрепката за елиминациите во Лигата на Европа.

Десниот бек Урош Митровиќ се враќа во ростерот на Вардар по паузата поради суспензијата од четири меча.

„Желбата остана тука, не замина. Секогаш се подготвував за овие натпревари во Лигата на шампионите и ја чекав својата шанса. Конечно, по месец и половина, ми истече казната од четири натпревари и сега можам да играм и да ѝ помогнам на екипата. Не знам дали тоа што немаме притисок може да биде олеснување, но секако ќе играме до крај и ќе го дадеме максимумот. Иако немаме шанси да ја поминеме групата и ќе продолжиме во Европската лига, каде што игравме и минатата сезона, нема причина да не играме со 100 проценти и да бараме победа“, изјави Митровиќ.

Натпреварот меѓу Нант и Вардар се игра во „ХХЛ Арена“ в среда со почеток од 20:45 часот.