Еурофарм Пелистер 2 фаќа чекор кон плеј-оф, го сруши Тиквеш во Битола!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 остварија важна победа во битката за плеј-офот во Супер машката лига, откако славеа над Тиквеш со 34-27. Битолчани сега се на делба на шестото место на табелата со седум бода, исто колку што имаат и кавадарчани, а Прилеп е петти со осум бода.

Давид Димевски со девет гола од десет обиди и Кристијан Симоноски со седум погодоци од девет обиди, беа клучните ракометари во триумфот на битолчани, а уште четири гола даде Христијан Митревски. Во составот на кавадарчани се истакна Тоше Ончев со осум погодоци.

Домашните отворија со водство од 4-0, па 7-1 по петнаесетина минути игра, но како одминуваше времето така кавадарчани почнаа да фаќаат приклучок и намалија на минус четири. Кратко траеше нивниот добар период и по тајм-аутот на Бранко Ангеловски неговите избраници одново заиграа подобро.

Гутиќ, Димевски, Дрогришки…ги казнија гостинските грешки, Младенов и Трајков одбранија пенали, па Еурофарм Пелистер 2 си ја врати максималната предност на своето конто, 15-8. До паузата имаше уште по два гола на двете страни и на одмор се замиина со резултат, 17-10.

На стартот на вториот дел Димковски донесе минус шест, 17-11, но следуваше нова лоша серија на кавадарчани. Гавидија беше исклучен, Чејовиќ промаши пенал и за кратко време пелистерци отидоа на плус девет, 20-11, па стана јасно дека бодовоите ќе останат во Битола.

Беше и 28-18, немаа гостите многу идеја во нападот, па разликата во корист на домашните не се намалуваше. Немаше големи возбудувања до крајот на натпреварот, шанса за настап добија повеќе ракометари од двата тима, а битолчани се израдуваа на победа што им ги зголемува шансите за ТОП 6.