Бјере пред мечот со Вардар: Ако се бориме сите 60 минути – имаме големи шанси пак да победиме

Еден од најдобрите ракометари на Висла Плоцк во триумфот против Вардар во Скопје беше левото крило Фредерик Бјере.

Данскиот интернационалец смета дека ако тој и соиграчите ја повторат играта од СЦ „Јане Сандански“, имаат големи шанси за втора победа во шест дена.

„Покажавме фантастичен тимски дух на првиот натпревар против Вардар. Ако повторно ја покажеме нашата цврстина и паметна игра во одбраната, ги комбинираме со индивидуалниот квалитет во нападот и се бориме во текот на сите 60 минути, мислам дека имаме одлична шанса повторно да победиме. Сигурен сум дека навивачите, како и секогаш, ќе создадат фантастична атмосфера, па затоа со нетрпение очекуваме да играме пред нашата публика“, вели Бјере.

Натпреварот меѓу Висла Плоцк и Вардар се игра вечерва во „Орлен Арена“ во Плоцк со почеток од 20:45 часот.