Кодрин: Еурофарм Пелистер има многу добар тим, но ние сакаме да победиме на сите дуели до крај

Екипата на Еурофарм Пелистер ја очекува нов европски предизвик, откако во вторник ќе гостува кај германскиот Гумерсбах во рамките на третото коло од групната фаза на ЕХФ Европската лига.

Натпреварот ќе се игра утре со почеток во 18:45 часот во арената „Швалбе“, а домаќините во дуелот влегуваат со самодоверба по победата од 34-30 на гостувањето кај Логроњо во претходното коло. Пелистерци иако можеа да победат, сепак освоија само бод на гости кај Вибжеже Гдањск.

По две одиграни средби, битолчани имаат еден бод и ќе се обидат да го изненадат фаворизираниот домаќин на негов терен.

Гумерсбах има голема почит кон македонскиот шампион, кој минатата сезона настапуваше во Лигата на шампионите. Германците посебно го истакнуваат искуството на тренерот Лино Червар, кој со репрезентацијата на Хрватска ја освои светската титула во 2003 година, а една година подоцна стана и европски шампион.

„Мечот со Ла Риоха на гости беше важен за нас и среќни сме што победивме. Сега сакаме да продолжиме со добрите изданија. Еурофарм Пелистер има многу добар тим. Групата е изедначена, па затоа мора да ја покажеме нашата најдобра игра“, порача левото крило на Гумерсбах, Тилен Кодрин.

По првите две кола, Гдањск е лидер во групата со три бода, додека Гумерсбах и Логроњо имаат по два, а Еурофарм Пелистер е на еден бод.

За битолчани ова ќе биде важен тест и можност да покажат дека можат да се надигруваат со квалитетни европски противници и на гостински терен.