Иван Чупиќ испрати директна порака до своите ракометари – во Вардар никој нема загарантирано место, а односот кон тренинзите е подеднакво важен како и квалитетот при изборот на составот.
Тренерот на „црвено-црните“ потврди дека на натпреварот со Охрид надвор од екипата останале и целосно здрави ракометари.
„Кога го одредувам составот, прво го гледам тактичкиот аспект, потоа гледам како одреден ракометар може да ѝ помогне на екипата, а трета работа е како тренира. Како што тренираш, така ќе добиеш шанса. Некои ракометари не беа во составот против Охрид, а беа здрави“, откри Чупиќ.
Тој може да прифати промашување, грешка или лоша форма, но не и недоволна посветеност.
„Како поранешен ракометар можам да разберам кога некој ќе промаши, кога ќе направи грешка или кога не е во најдобра форма. Но, непрофесионален однос не можам да разберам и не можам да прифатам. Без тренинг не оди, без жртва не оди. Не може да успеете ако не живеете за ракометот 24 часа дневно, десет месеци во годината.“
Чупиќ потенцира дека во македонското првенство веќе нема лесни натпревари и дека Вардар мора да го почитува секој противник.
„Не може да тренирате само за Висла, Еурофарм Пелистер, Охрид, Алкалоид, Нант или Барселона. Што ќе правите во останатите осум месеци? Ако сакате Висла и Барселона да ве почитуваат, прво вие мора да го почитувате секој противник и да го дадете максимумот.“
Пораката до екипата беше повеќе од јасна.
„Со еден повреден ракометар, со скратен ростер и со тројца млади играчи го победивме Охрид. Тоа значи дека има кој да игра за Вардар ако некој не сака. Нема јавно да кажувам имиња, тоа е наша внатрешна работа. Нашата задача е Вардар да игра добро, да освојува трофеи и околу клубот повторно да има еуфорија“, изјави Чупиќ.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























